Епископ стобиски Давид: Свети Симеон Нов Богослов – Тајнописецот на обожението

(Текстот е отпечатен како предговор на изданието: „Акатист на светиот Симеон Нов Богослов“)

Акатистот, како што посочува и самата етимологија на зборот (ακάθιστος), е молитва којашто се совршува неседејќи, туку стоејќи, бивајќи исправен. Во богатата ризница на Коработ на нашето спасение, акатистот претставува ремек дело на црковната химнографија. Без двеумење, ќе речеме дека во Црквата и не постои личност на којашто не ѝ е познат акатистот посветен на Пресвета Богородица, којшто на мнозина им е секојдневна молитва, а во храмот особено торжествено се чита во саботата што ѝ претходи на петтата седмица од Великиот Пост.

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Свети Симеон Нов Богослов – Тајнописецот на обожението”

Свети Симеон Нов Богослов: Слово 86

а. многу полезен расказ за еден послушник, којшто примил Дух Свети по молитвите на неговиот духовен отец.

б. за енергиите на Светиот Дух и кое е созерцанието на Неговите тајни.

01. Еден младич ми раскажа: „Како послушник на еден чесен отец, подобен  во доблеста на великите светители, честопати имав прилики, од него со восхит да слушам за заблескувањата, κοишто од небесата им се случуваат на подвижниците, и за изобилната светлина преку која Бог беседи со луѓето. И почувствував, вели: „толкава желба и љубов да го вкусам тоа добро, та при размислувањето за него заборавав на сѐ земно и небесно, и не само тоа, туку и на секоја храна и питие, и на телесниот одмор. Бидејќи тој старец беше велик меѓу светиите и украсен со дарот на прозорливоста, и бидејќи виде како без двоумење го правам она што тој ми го заповеда, и дека ниту јадам, ниту пијам, туку сум постојано замислен како некоја мака да ме јаде, почувствува неизмерно сострадание и под закана за епитимија ми заповеда, па на сила почнав да јадам, иако не сакав. Бидејќи се плашев, вели: „од осудата за непослушание. А, колку повеќе храна јадев, толку повеќе во мене се распламтуваше копнеж и ми беше неподнослива таа принуда, па леев реки од солзи и често во таква состојба станував од трпезата. Бидејќи мислев, неразумен, дека старецот ми го попречува копнежот, не знаејќи каква внатрешна болка ме разјадува, а не бев свесен, јас несреќникот, дека тој ги знаеше и тајните помисли на моето срце.

Continue reading “Свети Симеон Нов Богослов: Слово 86”

Житие на светиот отец наш Симеон Нов Богослов

Доблеста е огнено и чудесно нешто; таа е во состојба, разгорувајќи ја жарта на божествената љубов, сета душа да ја претвори во оган; и моќ има да го раскрили умот, та од земјата да го вознесе на небесата, и сиот човек да го направи бог по благодат. Бидејќи и овој, велик Симеон, за кого сега станува збор, со сето срце ја засака доблеста и како никој друг се возвиши на нејзините славни висини, потребно е да ги искажеме неговите подвизи и  неговиот живот полн со војувања и борба за доблест.

Continue reading “Житие на светиот отец наш Симеон Нов Богослов”