Епископ стобиски Давид: Свештените Таинства – учество на створеното во нествореното

I. Во неговата „Мистагогија“, светиот Максим Исповедник предочува дека Црквата е икона на севкупниот свет, кој, од видливи и невидливи суштини, се состои. Согласно на овој израз, но и, воопшто, гледано од перспективата на Светото Писмо и Преданието, светот е создаден за да постои како Црква. Следствено, не е возможно да се применува расцепувачкото, разделувачкото согледување помеѓу Црквата и светот, ниту, пак, е возможна поделбата на свето и загадено.

Во контекст на реченото, а погледнато низ призмата на пастирската теологија, извесно е дека парализираниот од Евангелието (Марко. 2. 1, 12), во метафорична смисла го карактеризира паднатиот свет. Но, сепак, Христос погледнува на верата на оние, коишто го донесоа парализираниот, и со љубов се однесува кон него! Очигледно, Христос го гледа тој човек, поточно, би рекле, тој свет, како Свое дете. Значи, тогаш, кога светот не ја согледува смислата и целта на сопственото постоење, Црквата е повикана да му ја предочи и оприсутни неговата автентична перспектива, бидејќи верата не е индивидуалистичко прашање, туку има една чудесна еклисиолошка димензија, т.е.  вера е на заедницата.

Се разбира, трагиката која ѝ сопатува на тајната на присуството Христово во светот, се изразува со немоќта на творбата да го види Творецот. Затоа, за Црквата не би требало да постојат непријатели, дури и во случај кога некои не ја прифаќаат и не учествуваат во тајната на Црквата. Светот, по природа не е „загаден“, независно од тоа што се има загадено. Црквата не е определена од светот; и, не го негира светот, туку дејствува за да го освети. Нејзиното свештенопосланство се состои во водењето на човекот во заедничарење, и, учествување во животот Божји. Црквата е суштински присутна и полезна за светот, тогаш кога се има ослободено од светот.

II. Согласно зборовите на светиот Никола Кавасила од неговото извесно дело „За животот во Христа“, токму животот исполнет со труд во подвизите го пораѓа внатрешниот човек, оној нов човек, за којшто светиот Апостол Павел вели дека според Бога е создаден (Еф. 4. 42), и додава дека преку свештените Таинства ние се зачнуваме, се устројуваме и натприродно се соединуваме со Спасителот Христос. Парафразирајќи го светиот Кавасила, би рекле дека кога во куќата ќе влезе сончева светлина, тогаш светилката што е запалена во домот, повеќе не ги привлекува погледите на гледачите, туку сончевите зраци ја обземаат светлината на куќната светилка. Следствено, на ист начин, во овој живот, преку вратата на свештените Таинства влегува божествената светлина и се вселува во човекот, преобразувајќи го неговото постоење. Таа врата ја отвори Христос и никогаш не ја затвора, бидејќи преку неа постојано е присутен, та, како што вели светиот Кавасила: „Он е, и ќе биде со нас вечно“.

Неопходно е тука, сосема накратко, да се осврнеме на еден историски аспект, кој се однесува на бројот на свештените Таинства. Имено, извесно е дека од 1545 г., до 1563 г., ќе трае, со прекини, соборот во Тридент, кој претставува обид за помирување на римокатолиците со протестантите. Покрај многуте одлуки, во текот на овој Тридентски собор, како одговор на протестантизмот, кој определи постоење на само две свештени Таинства, римокатоличката црква ја определува бројката од седум свештени Таинства.

Згора на тоа, римокатоличкиот схоластицизам има потреба од рационалистичко објаснување на Таинствата. На пр., врз основа на аристотеловата философија, схоластиците тврдат дека лебот и виното на Евхаристијата, кои се материја, остануваат леб и вино, а со призивот се менува нивната суштина. Римокатолиците создадоа и термин за реченото: промена на суштината (μετουσίωση, transsubstantiatio). На Истокот, лебот и виното се претвораат во Тело и Крв (μεταβάλλονται), не ја менуваат суштината и не е возможно да се истражи свештеното Таинство. Истокот не навлегува во рационалистички анализи. Светиот Дамаскин вели дека е доволно што знаеме дека свештеното Таинство се совршува со нестворените енергии на Светиот Дух. 

За Православната Црква никогаш не постоела нужност за броење на свештените Таинства. За Црквата, свештено Таинство е Литургијата и целиот живот на човекот како литургиско битие е свештено Таинство, т.е. Таинствата се безброј, како гранките на дрвото. Затоа, светиот Кавасила во неговото „Толкување на светата Литургија“, ќе истакне дека свештените Таинства ја изобразуваат Црквата, но не како символи, туку тие за Црквата се како лозата за прачките, според зборовите Господови (Јован 15. 5). Оттука, затворениот број од седум свештени Таинства нема основа во православната теологија, а згора на сѐ честопати води во погрешни толкувања и замки. На пр., свештените Таинства не се служби, кои се изолирани од Литургијата, кои се независни од евхаристиската заедница. Православното предание не може да прифати приватно совршување на свештените Таинства без присуство, без собрание на верниот народ. Заради броењето на свештените Таинства и заради нивно одделување од телото на заедницата, во схоластичките догматики, Таинствата се делат на задолжителни и по желба. Од аспект на православната еклисиологија, ваквата поделба е исцело неприфатлива. Различни се свештените Таинства, но сите му служат на целото тело на евхаристиската заедница. Православната теологија ја отфрла автономизираната, индивидуалистичката антропологија. Човекот е дел од евхаристиската заедница и ги чува неговите целовитост и неоштетеност преку учеството во божествените, несоздадени енергии.   

III. Нестворениот Бог ја поседува светоста, а создадената твар учествува во таа светост. Никос Мацукас истакнува дека во таинствениот однос на Бога со светот, живототворната, омудрувачката и обожувачка енергија ги сочинува пројавите на свештените Таинства во созданието. Свештените Таинства, значи, се пројави на односот на створеното со нествореното и тие го совршуваат напредувањето на литургиските битија во богопознанието.

Во Православието, свештените Таинства не се апстрактни, ниту бесмислени, магиски дејанија. Логосот Божји е жив и делотворен (Евр. 4. 12), ги совршува свештените Таинства, та следствено, не е возможно да постои „безлогосно“ свештено Таинство. Значи, антимагиски е карактерот на свештените Таинства, бидејќи секое свештено Таинство се темели на конкретен историски настан. На пр., светото Крштение не ќе можеше да има основа, ниту валидност како служба, доколку не му претходеше вочовечувањето, крстната смрт и воскресението на Христа. Општо, ниту едно свештено Таинство на евхаристиската заедница, не е возможно да биде отсечено од историската стварност. Затоа, во Црквата, за секое свештено Таинство постојат конкретни материјални елементи, кои се осветуваат и преобразуваат. Станува збор за вистина и живот, кои се „овоплотени“ во историската стварност и претставуваат триумф врз оние сили, кои прават творението да ’рѓосува. Тој триумф, во суштина е исцеление на телото на створената стварност. Затоа и севкупното светотаинско богословие поаѓа од, би рекле, главниот интерес на Отците, кој отсекогаш се состоел во следново – да се осигура реалноста на обожението на човекот, кое е возможно само во Соборноста на Црквата!

Создаденото е предмет на науката, а Таинството е предмет на харизматичното искуство. Помеѓу науката и теологијата не може да постои конфликт, бидејќи првата се занимава со створеното, а втората со нествореното. Реалноста на обожението, пак, светиот Симеон Нов Богослов сликовито и од личен, харизматичен опит ја опишува во неговите „Химни на божествената љубов“: „Сиот си Недвижлив, па, сепак, везден си Движешт, Сиот си надвор од тварта, Сиот, пак, и во сета твар… и нас, што во чувственото и видливото пребиваме, нѐ изведуваш озарени со светлоста Твоја… и бидуваме тоа што сме, синој по благодат… членој Христови станавме, Христос ми е рака… та, мрднам ли рака, Христос Цел е рака моја… Он бивајќи мноштво, останува Един Неделив, а сепак, секој дел бидува Самиот Цел Христос… Бог не се засрами сличен на тебе да стане, а ти се срамуваш ли подобен Нему да бидеш“? (Химна XV).

IV. Имајќи го за цел токму вподобувањето на Христа Господа, на брановите на Радио „Беседа“, на почетокот од 2018 г., започна да се емитува емисијата „Светотаинско богословие“. Во втората половина на 2020 г., беа заокружени вкупно значајни 100 емисии, со подробен осврт на светотаинското богословие на Црквата. Со благослов на Неговото Преосвештенство Епископот новосадски и бачки г. Иринеј, авторот на споменатиот серијал, катихетот Бранислав Илиќ, истовремено, и ја збогати современата српска теолошка сцена, и успешно ја исполни поставената задача – запознавањето со смислата на совршувањето на свештените Таинства; со значењето на поимите свештено Таинство и светост; со односот на свештените Таинства и Литургијата; потем, со согледувањето на свештените Таинства во контекст на активниот литургиски живот, имајќи го предвид проблемот дека постојат луѓе, кои, на пр., се крштеваат или венчаваат и, сосема погрешно, со тоа им завршува нивниот однос со евхаристиската заедница; конечно, запознавање со автентичниот теолошки пристап кон свештените Таинства, кои подробно беа претставени низ сите сто осврти во емисијата „Светотаинско богословие“.

Споменатите емисии, лесно можат да се најдат на YouTube, и сосема логично би било да станат составен дел од аудио архивата на оние личности, кои сакаат да се запознаат со самобитната православна теологија, првенствено, како што нагласува и авторот, во однос на светата Евхаристија, која претставува извор на сите свештени Таинства, со цел правилно согледување на севкупниот светотаински живот на Црквата.

Согласно на ставовите на Јанарас, под влијание на институционалното, бирократско поимање на Црквата, денес, мнозина, при спомнување на свештените Таинства, на ум имаат некакви pro forma, церемонијални свештенодејства, со кои свештениците им предаваат на верниците некаков „апстрактен“ благослов. Радио „Беседа“ и катихетот Бранислав Илиќ, со емисијата „Светотаинско богословие“, го исфрлаат од колосек споменатото исклучиво бирократско поимање на Црквата, та го предочуваат и оприсутнуваат возвишеното свештенопосланство на човекот, кој е повикан да учествува во благодатните дарови на Светиот Дух, да учествува во обновата на животот, да се причестува со лекот за бесмртност (φάρμακον αθανασίας), да го погребува „стариот човек“ и да совоскреснува во нов живот со Воскреснатиот Христос! 

– – –

– Објавено во „Православље“ – новине Српске Патријаршије (бр. 1281-1282. 1-15. август 2020 г.): http://pravoslavlje.spc.rs/indexARH.php?mod=m&m=292

– YouTube: https://www.youtube.com/watch?v=4UHs6L75W1I