Епископ стобиски Давид: Во сенката на глушецот!

Во 2017 г., бев поканет на телевизиска дебата за тогашните локални избори, кога журналистот Гоце Михајлоски, од ништо предизвикан, се фати за слушалката сместена во неговото уво и ја заврши емисијата со антологискиот исказ, кој ќе остане запишан во аналот на домашниот журнализам, велејќи: „Канал 5 ја признава МПЦ“! Немам информација дали во меѓувреме уште некоја локална ТВ станица се одважила да ја признае непризнатата МПЦ! Минатата седмица, вторпат гостував на „Канал 5“, овојпат во дебатната емисија „Само вистина“. Разговорот беше во зародиш, кога, овојпат, водителката Мирјана Трпческа се фати за слушалката, која, неудобно сместена, се наоѓаше во нејзиното начулено и благо зацрвенето уво, и, со реченицата што ја изусти, ја портретираше реалноста на фабричката грешка, која ја одликува идеолошката матрица на нашето општество. Без интегритет и сервилно, во етерот одекнаа нејзините зборови: „Штотуку ми јавија, морам да ја прекинам емисијата, имам наредба од…“!

Претходниот ден, пак, на вестите, Мирјана Трпческа објави класична дезинформација дека средбата на православните претстојатели во Аман, Јордан, се случува за да се утврдат опонентите на МПЦ! Трпческа како нова баба Ванѓа, гаташе дека средбата во Аман е осудена на дебакл, иако не беше ни почната. Затоа, разговорот во „Само вистина“, го започнав со самата вистина, имено, предочувајќи дека нејзината вест е склепана според кумровечкиот рецепт. Наспроти таквата сматок вест, вистинољубивите гурмани на информирањето, очекуваат журналистот да се јави во информативната служба, во случајов на Јерусалимската патријаршија и на сите кои ги прозива, та без да ја потценува интелигенцијата на гледачите, да им ги пренесе одговорите, и, да не ги понижува да голтаат, без да соџвакаат. Следствено, имајќи предвид какви составувачи на фејк њуз имам за соговорници, на почетокот од разговорот предложив конструктивен диоптер, низ кој би можело критички да се прекршат дезинформациите на Трпческа и Ѓорѓевски.

Во ремек делото на германската кинематографија „Животот на другите“, Флоријан фон Донерсмарк поставува еден чиновник на Штази постојано, аудио и визуелно, да го преследува најпознатиот драмски писател и неговата сопруга. Чиновникот без престан ги слуша и ги гледа! Но, не го живее нивниот живот! Сепак, гледајќи ги вистината и слободата, истите ќе ги посака, на тој начин спасувајќи се себе, и, уметниците. Во таква Штази позиција е поставена непризнатата МПЦ и нејзините квази аналитичари. Исфрлени од колосек заради епифеномените, кои им го искривуваат светогледот, тие го кибицираат животот на признатата црква; но, не го живеат! Не чувствувам злорадост заради посоченото, но МПЦ треба самата да посака да излезе од поткровјето на Штази.

Сега е веќе јасно дека нашата дебата, длабоко вовлечен во сопствената дефектност, анонимно ја набљудувал некој човек-глушец! Не знам за кого станува збор, бидејќи не се дружам со глувци. Но, не е тешко да се претпостави дека, во своите болни месијански амбиции, глушецот, по дифолт, пред сѐ си рекол дека мора да ја одбрани Македонија од мене, иако таа е моја, барем колку што е негова, ако не и повеќе! Очигледно, сентиш обоениот месијанизам во него се обликувал во идеологема. Идеологемата претставува ефективно средство за манипулација и најголема пречка за вотеловување на слободата во едно општество. Заради очебијната интелектуална инсуфициентност, идеологемата му го оштетила видот на искомплексираниот наредбодавец и, еве, тој се покажува слеп за хоризонтот на автентичната културна политика. Затоа, доколку некогаш оваа земја посака да ја обнови културата, која сега пребива во сенката на глушецот, пред сѐ ќе треба да го направи неопходниот напор да се еманципира и да се избори за заедничкиот, а не за приватниот, глувчешки интерес. Ако, воопшто, има капацитет! Чест на исклучоците!

Членот 9 од Уставот вели дека: „Граѓаните на Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од националното потекло, од политичкото и верското уверување, од општествената положба“…, а членот 16 возгласува: „Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата… Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап… Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање… Цензурата е забранета“! За разлика од кај нас, реченово исцело го сфатиле во Црна Гора, длабоко поимајќи дека доколку власта му го одземе имотот (читај црквата), на соседот, следниот ден ќе биде однесен самиот сосед и така со ред. Оттука, со изразитото цензурирање на дебатата на 26. 02. 2020 г., пред кое мнозина сѐ уште ги затвораат очите, идеологемата на глушецот си направи подбишега со Уставот на земјата и придонесе побрзо да стане јасно дека колку повеќе се оддалечуваме од еднопартизмот, толку повидливи стануваат трагите на авторитарноста. Не ќе да е случајна онаа студија, која говори за „титосталгијата“ како ДНК на нашето општество, та наредбата за прекин на дебатната емисија станува непобитен доказ за носталгијата по едноумието. Предочената тоталитарност, како амбиција за ограничување на алтернативата од мисловен плурализам во кутичето на глувчешкото слабоумие, претставува суспензија на критичката свест и увод во мерките на насилство на кои се изложени неистомислениците. Оттаму се и животозагрозувачките закани, кои ги добивам!

Во еден Орвелов предговор за „Животинска фарма“, постои описот за волната цензура, што ги затемнува фактите, кои се непријатни за глувците; оттука и немањето потреба за јавно официјализирање на прогонот. Повторувам, во недоглед транзиционата македонска цезаро-папистичка политика, слободата ја подразбира единствено како ослободување од инаквиот, и апсолутно нема капацитет да сфати дека тоа е најсуровиот вид глувчешки егоизам.

Колумната е објавена на „Плусинфо“, 03. 03. 2020 г.: https://plusinfo.mk/во-сенката-на-глушецот/