Епископ стобиски Давид: Ако записникот е таен, како е јавно познат!

Со восхит ги исчитав редовите на нашиот познат новинар, публицист и пратеник г. Веле Митаноски (Зошто СПЦ „цртала“ по два записника за односите со МПЦ – јавен и таен!?, „Слободен печат“, 03. 02. 2018), содржина во која сум прозван, та веднаш да одговорам.

Велам со восхит, оти г. Веле Митаноски уште еднаш се украси со кадарноста да почнеме дијалог за отворените теми од суштинско значење, за кои мнозина надлежни молчат. Есенцијална вредност има следниов факт: со г. Митаноски, в миг се сложивме дека епископите на МПЦ се ракоположени од епископите на СПЦ! Мојот текст „Да им нацртам за мајката и ќерката“ („Слободен печат“, 01. 02. 2018), на кој г. Митаноски се осврнува, го оприсутнува неопходниот, но заборавен пристап на еклисиологијата (наука за црквата), и има за цел – излез од безизлезот на МПЦ. Штом се сложивме околу еклисиолошкиот, накусо ќе се осврнам и на историскиот аспект, за кој се држи г. Митаноски, наведувајќи непризнавање на македонската нација од страна на патријархот Гаврил (Дожиќ). Условно речено, дури г. Митаноски и да е во право, ценам дека станува збор за баеги застарен софтвер, кој можеби живурка само кај модели, кои веќе се надвор од употреба. Затоа, одново го предочувам за инсталирање апдејтот, кој враќа во реалноста! Патријархот Павле во своето јавно обраќање до народот во Р. Македонија, истакнува: „Ние како црква не настапуваме од позиција на национална исклучивост и немаме никакви национални претензии во однос на вас. Ја почитуваме националната определеност и националниот идентитет на македонскиот народ“ (САС СПЦ, 20. 06. 2002, бр. прот: 1859). Од антологиското интервју, пак, кое го водеше Бранко Героски, еве го повторно и јавно речениот збор на митрополитот Амфилохиј: „Меѓу народите, денес постои народ, кој себеси се смета и се нарекува македонски. Тоа е факт што СПЦ, а и јас лично, го прифаќаме и го признаваме“ („Слободен печат“, 26. 02. 2014). Потребни ли се уште убедувања! До недоглед! Без овој апдејт, започнува робувањето на минатото.

Од досега реченото, согледувам дека СПЦ демонстрира хераклитовски пристап кон историјата, според кој логосот придвижува и преобразува сѐ, додека МПЦ натежнува кон Зенон, та само привидно се движи, а всушност постојано гази в место. Следствено, да не се согледа стварноста и да му се забележи на патријархот дека пред седумдесет години не признавал македонска нација, е исто како да му се фати кусур и на Прличев, кој бездруго се вбројува меѓу гркојазичните поети. В раце ја држам неговата „Автобиографија“, во која на прашањето: „Од каква сте народност“?, Прличев одговара: „Бугарин“ (Македонска книга, стр. 64, Скопје, 1967). Ниту помислувам јас да му цртам на тој великан на човештвото, што бил во минатото! Национализмот е болна заробеност во инструментализираната историја, во времето, во границите на племето! Претпочитам заедничка иднина! Имајќи ја предвид таа иднина, епископите на МПЦ, за кои г. Митаноски вели: „не се баш некое достоинство за македонскиот народ“, патријархот Иринеј не ги именува „незрели“, како што пишува г. Митаноски, туку вели дека „покажуваат незрелост“, не заради нивната национална припадност, туку заради тоа што педесет години ја држат МПЦ во гето!

Во однос на прокламацијата на црковната самостојност на МПЦ, која ја наведува г. Митаноски, исто така, веќе пишував дека самопрогласувањето е апсурд! Човек не може да си самопрогласи дека има возачка дозвола, туку ја добива (види: Јубилејот, „Слободен печат“, 19. 10. 2017).

Во однос на митологијата дека СПЦ ги купила епархиите во денешна Р. Македонија од Константинополската патријаршија, кратко и јасно: оние, кои знаат како функционира црковната економија (како и другите економии на сложени структури), поимаат дека не постои купопродажен договор, туку компензација на средствата од спомнатите епархии, како задолжителен придонес за постојниот буџетски циклус на Константинопол, во тоа време. Да нацртам грубо: Британија излегува од Европската унија. Брисел бара од Лондон да ги исплати средствата, кои однапред се планирани во буџетот на ЕУ. Да се каже дека СПЦ купила епархии е исто толку апсурдно како да се каже дека Британија денес си ја купува независноста од ЕУ!

Почитуваниот г. Митаноски се повикува на таен записник на СПЦ, според изјава на основачот на МПЦ, епископот на СПЦ, Доситеј, подоцна митрополит скопски. Постои ли материјален доказ за наводниот записник, за никој да не може да го нарече Доситеја – озборувач! Доситеј е кабаетлија. Во стварноста, не ја скарал МПЦ само со СПЦ, туку и со цело православие. Зборот му е противречен и подготвен на сѐ, само да го оправда расколот во кој и денес пребива МПЦ!

Пристапот на г. Митаноски е патриотски инспириран, што е за почит, но не по цена ако се одрекува пристапот на правно историската реалност. Овие два пристапи тешко би можеле директно да се судрат, оти не им се поклопуваат категориите со кои оперираат. Немам амбиции погледот да го втренчувам само кон минатото, туку целам, без да го негирам патриотизмот, да предочам дека правниот поредок во црквата е една работа, а емоциите се друга. Православната црква ќе може да прифати само правно валидна автокефалност во нашата татковина, а не иредентистички самопрокламирана. Јасно е како бел ден, тука минатото е немоќно!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 08 Февруари 2018 год.