Епископ стобиски Давид: Успение на Пресвета Богородица

успение

Го роди Животот, Кој ја премости онтолошката провалија помеѓу Несоздадениот и создаденото, и, сега кон Животот преминува со чесното успение, Пресветата, Пречесната и Преблагословената наша Мајка.

„Што да кажам, што да изглаголам?“, се зборовите на пророкот Даниил, со коишто денес глаголиме и ние, вчудоневидени пред утехата и радоста со кои се исполнуваме созерцувајќи го упокоението на Богородица, којашто во своето успение, не го остави светот, туку ни дава безброј причини да празнуваме, нѐ поттикнува постојано да торжествуваме.

Токму овој пророчки дух на восхит, на убавина, на креативност, на екстатичност, на вдахновеност пред ваквите небоземни настани, каков што е Успението Богородично, нека биде вгнезден без престан во нашите срца, та никогаш да не бидеме наследници, ниту, пак, до нас да се допре менталитетот на безизлезот, на заробеност во минатото, на стерилниот израз, на колективните фрустрации што го имаат завлечено модерниот човек, кој престанува да биде homo ludens, престанува творечки да се игра и станува слуга на грдото во многу области.

Затоа, боговдахновената поезија, пројавена во стихот: во своето успение, не го остави светот, нека стане наш секојдневен личен опит! Нејзината смрт нека ни биде и нам животоносна како на мнозина пред нас во Црквата, успението Нејзино нека ни биде причина за секојдневно радосно празнување, за славје на сета вселена, оти тука, во ова евхаристиско собрание и нема некој што не знае дека Богомајката е онаа капина, којашто гореше, а не согоруваше.

Ева не ги исползува добро и правилно даровите и можностите, кои ги прими од Бога, туку ги искористи за зло, за заобиколување на Божјата волја. Отците прават споредба на Богородица со прамајката на човечкиот род, со тоа што таа споредба за своја основа ја има следнава разлика: додека старата Ева стана носител на егоизмот и ароганцијата, Новата Ева, Богородица, мајката на новиот род е архетипот за послушание и смирение. Затоа светиот Кирил Јерусалимски ќе напише: „преку девствената Ева дојде смртта, преку Богородица Дева, односно, поточно речено, од Неа – се јави Животот“. Во Нејзината личност започна спасението на светот и обожението на човекот. Во Нејзиното, пак, успение, се претстави пред Животот, Мајката на самиот Живот и со Нејзините молитви ги избавува од смртта нашите души.

Затоа еден современ Митрополит впечатливо ќе рече дека е потребно да следиме само една Нејзина заповед, онаа којашто им ја кажала на слугите во Кана Галилејска, а тоа се Нејзините познати зборови: „Што и да ви каже, направете“! Тоа значи – исполнувајте го словото Негово и сѐ земно ќе стане проникнато со небесното, сѐ трулежно ќе се преобрази, сѐ распадливо ќе блесне во светлина.

Да ги подигнеме духовните труби – нека возгласат, јазиците – нека изречат пофалби: радувај се благодатна, Господ е со Тебе! Тебе ти благодариме оти нѐ избавуваш од прародителската осуда и без разлика во какви надворешни околности и да се живее, нас, луѓето од Црквата, постојано нѐ воздигнуваш како Твои деца, деца на Светлината, род на Осмиот Невечерен Ден, сега, секогаш и во вековите на вековите.

Извадок од обраќањето на празникот Успение Богородично (Успенски манастир, Скопје, 28. 08. 2013 г.)